Престојот во Швајцарија е регулиран со различни дозволи. Најважни се дозволата за краток престој (помалку од 1 година), дозволата за престој (ограничен период) и дозволата за населување (неограничен период). Условите за доделување на истите зависат од целта на престојот и националноста. Се прави разлика особено во зависност од тоа дали лицето доаѓа од земја-членка на ЕУ/ЕОСТ или од трета земја. Пријавувањето се врши во канцеларијата за регистрација на жители во Вашата општина на живеење. Дури и ако веќе сте живееле во друга општина во Шафхаузен, регистрирајте се лично во канцеларијата за регистрација на жители.
Најважните дозволи за престој на странци се:
Дозвола за престој Б: Лице со престој
Дозвола за престој Ц: Жител
Дозвола за престој Л: Лице со краток престој
Дозвола за престој Г: Жители на погранични зони што работат/учат на другата страна од границата
Дозвола за престој Н: Баратели на азил
Дозвола за престој Ф: Привремено примени странци
Дозвола за престој С: Лица на кои им е потрбна заштита
Миграциската служба и канцеларијата за пасоши на кантонот Шафхаузен се одговорни за административните задачи во областа на федералното законодавство за имиграција. Таму може да се добијат информации, на пример за влез, дозволи за престој и обединување на семејствa.
На граѓаните на ЕУ/ЕОСТ може да им се придружат членовите на нивните семејства, без оглед на видот на дозволата за престој што ја имаат. Сопружниците, родителите и децата кои сè уште немаат наполнето 21 година или кои добиваат издршка, се сметаат за членови на семејството. Лицата од земји надвор од ЕУ/ЕОСТ можат, имајќи ги предвид законските услови, да поднесат барање за обединување на семејството (сопружници и невенчани деца на возраст под 18 години) до канцеларијата за регистрација на жители во нивната општина на живеење. Треба да се напомене дека обединувањето на семејството мора да се случи во одредени рокови. Детални информации и соодветни формулари за аплицирање можете да добиете од кантоналната Служба за миграција.
Новодоселените жители во кантонот ќе бидат информирани и советувани за условите за живот и работа во Швајцарија и кантонот Шафхаузен. Со обезбедување на информативни материјали, канцеларијата за регистрација на жителите им обезбедува првични информации за ориентација при пријавување во општината на живеење. Постои и опција за бесплатна консултација во Центарот за интеграција Integres.